Интервју Миов: Кризата да ни биде поука дека потребни се економски политики засновани на управување со ризици
Во рамки на Проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, во соработка со Платформата за јавно – приватен дијалог, составена од Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија, Николаки Миов изработи Студија „Финансиски и даночни импликации на кризата предизвикана од вирусот COVID-19 и мерките за негово сузбивање со препораки за државна поддршка“.
Со повеќе од 25 години искуство во ревизија, сметководство, даночен консалтинг, изработка на софтверски решенија, ревизија на информатички системи и обука Николаки Миов е докажан експерт и професионалец ангажиран, како во Македонија, така и на проекти ширум светот.
Неговото поле на експертиза ги вклучува: ревизија и сметководство, познавање на ЕУ ИПА фондовите за контрола и верификација, контрола над финансиските операции за различни компании во приватниот и јавниот сектор, управување со даночен ризик, интерни контроли и софтвер и ревизија на информатички системи.
Со Николаки Миов разговараше: Илија Јованов од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал
БизнисРегулатива: Вие како економист и овластен ревизор, но воедно и како експерт од оваа област изработивте Студија за финансиските и даночни импликации на кризата предизвикана од вирусот COVID-19 и мерките за негово сузбивање со препораки за државна поддршка. За потребите на истоимената Студија, разговаравте со различни профили на компании. Според Вас, кои се сублимираните заклучоци од прибраните информации?
Николаки Миов: Раширеното влијание на последиците не покажува регионални разлики, но покажува дека сепак најпогодени се микро и малите ентитети каде има најголем број на компании кој прекинале со вршење на дејност. Постојат разлики по сектори секако, на пример производството и ИКТ се помалку погодени, услужните дејности далеку повеќе. Но ефектот на бранови очекувано ќе ги носи негативните ефекти од сектор во сектор, па и оние што сега изгледа дека немаат никакви потешкотии со време ќе бидат зафатени ако не од друго од намалената платежно способна побарувачка.
И кај анкетираните, и во направените интервјуа, се гледа спремност кај раководствата на најголем дел од компаниите, еден па и два квартали, да ги употребат сите сопствени резерви за задржување на вработените и да со намалување на мерките што побрзо влезат во нормализација на активностите во дејноста.
Кризата генерално има сериозни негативни влијанија на обемот на активности, приходите и со тоа на генерираните даноци и буџетот.
БизнисРегулатива: Кризата предизвикана со пандемијата на корона вирусот предизвика огромни негативни последици за компаниите, особено за оние во секторите угостителство, туризам и транспорт. Според Вас, на кој начин микро, малите и средни компании се справија, односно се справуваат со економските предизвици кои ги наметна светската пандемија на корона вирусот?
Николаки Миов: Има значајно придвижување кон онлајн активности, продажба преку интернет, работа од дома и голем дел од деловните состаноци. Во тој дел кризата ги придвижи работите години нанапред.
Сепак, тоа не е секаде можно. Нема онлајн кафе, производство и градежништво. Сериозно намалување на деловните активности и пад на продуктивноста се дел од последиците и онаму каде има онлајн активности.
Онаму каде што продолжуваат работните процеси, се воведуваат изменети работни процедури се максимизира дистанцата колку можно, се почитуваат препораките.
Сепак ризикот од прекин секаде постои, а во интервјуата се изнесе и мислењето дека и покрај строгите мерки во работните простории не се почитуваат таквите мерки и во слободното време. А неколку заразени со вирусот можат да предизвикаат прекин на работа на фабрика со илјада вработени.
Дел од најпогодените компании кај кој има забрана за дејност го користат моментот за подготовка за прекин на мерките, со реновирања за најавените промени во вршењето на дејноста.
Се користат минатогодишни одмори, па и одмори од оваа година. Солидарно се намалуваат плати каде има потешкотии со приходи и ликвидност.
Кај сите компании кои први се најдоа на удар на кризата, се користат резервите додека траат.
БизнисРегулатива: Дали сметате дека трите економски сетови на државна помош беа навремени и значајни за македонското стопанство?
Николаки Миов: Секако можеше и повеќе и побрзо. Особено во секторите каде мерките буквално преку ноќ ги прекинаа деловните активности, кај големиот број вработени што како ризични групи мораа да прекинат со работни обврски.
Сепак секоја помош е добредојдена, се гледа и од големиот интерес на компаниите за нејзино користење, скоро сите мерки се целосно искористени.
Првиот пакет мерки и вториот пакет како дополнение на првиот повеќе, преставуваа интервентни, краткорочни мерки.
Најавениот трет пакет во делот на базичната поставеност, е во насока на подолгорочна поддршка на домашното стопанство во целина. Но, влијанието и успешноста на интервенцијата ќе зависи колку тоа ќе се операционализира со јасни критериуми, транспарентност и контрола на користењето.
БизнисРегулатива: Според компаниите, кои даночни олеснувања би биле соодветна мерка за намалување на негативните ефекти од пандемијата врз економскиот сектор?
Николаки Миов: Предлозите најмногу одат кон можности за одлагање на даноците со можност за нивно подоцнежно плаќање на рати, како поддршка на ликвидноста.
Понатаму се парафразираше слоганот на документарецот „Медена земја“ кај директните последици од мерките, особено поврзани со вработените, дека плаќањето треба да оди „половина од државата, половина од компаниите“.
Општа оценка е дека аконтациите на данокот на добивка се сега високи во однос на очекуваните резултати кај повеќето компании.
БизнисРегулатива: Кои предлози ги имаат компаниите за евентуална идна државна поддршка во нивното работење?
Николаки Миов: Тоа што во голем дел од интервјуата особено се потенцираше, а со што сосема се согласувам, е потребата државата треба да има деловна логика во помошта и да ја насочи таму каде што ќе има најголемо влијание и со тоа и најголем поврат на помошта преку даноците во иднина.
Интересен е предлогот за ваучер како гаранција за задолжување, во висина на платени јавни давачки за последните три години.
Барањата за стратешки пристап, долгорочност на поддршката и прилагодување на мерките на ризиците без наметнување построги од тоа што е неопходно се доминантни во интервјуата. Ако кризата се оддолжи, стопанствениците очекуваат солидаризирање и на државната администрација и секторите во кои не се очекуваат последици од кризата.
Ние не сме држава со некакви златни неограничени резерви, така да секако ќе има задолжување во кризата. Упатувањето на овие позајмени средства на места каде ќе се сочува вработувањето и ќе се овозможи брзо враќање на економската активност, а со време и зголемување на додадената вредност, а со тоа и приливите во буџетот, ќе овозможи и извори за враќање на позајменото. Ако државата се реши за купување социјален мир и финансирање невработеност со позајмени пари, таквите политики не се одржливи на подолг рок.
БизнисРегулатива: Според Вас, каква би требало да биде идната даночна политика на нашата држава, односно кои мерки и активности би требало да се преземат во иднина за нејзино евентуално подобрување?
Николаки Миов: Кај нас премногу лесно и премногу често се менуваат даночните закони, понекогаш буквално преку ноќ за не мали проценти и износи. Таквиот пристап создава несигурност и се претвора во надмудрување со креативни практики и од стана на даночните власти и од страна на компаниите, што создава незадоволство на двете страни.
Системот „плати, па жали се“, како што е сега востановен треба да се напушти и да се замени со систем на соработка, обврзувачки мислења од даночните власти, па и собраниски толкувања на даночните закони со цел да оданочувањето биде принципиелно, фер и транспарентно. Измените, кога веќе се потребни, да имаат период за прилагодување од барем една фискална година.
Не треба да се занемари и важноста на транспарентноста кај буџетските трошоци. Наменското трошење со обезбедена вредност за буџетските пари е еден од начините да се намали даночната евазија.
Сметам дека има простор за зголемување на буџетските приходи и со мерки за намалување на сивата економија, која сеуште има значајно учество.
БизнисРегулатива: Во Студијата анализирате две сценарија: првото - за траење на кризата до крајот на месец јуни 2020 година и второто - за траење на кризата до крајот на 2020 година. Според Вас, кои се предвидувањата и очекувањата според двете сценарија?
Николаки Миов: Кривите на бруто домашниот производ во кризи имаат облик на латиничните букви V, U и L, зависно од брзината и степенот на опоравување. Да се надеваме дека оваа кај нас ќе биде со кратко траење и V облик. Новата крива која се најавува со можноста за повторување на раст на бројот на заболени, може да добие и брановиден изглед и без цврста контрола и влијание на државата може да доведе до долгорочен економски пад.
Во анкетите и интервјуата јасно е искажано огромното влијание на времетраењето. Ако кризата се оддолжи, повеќето планираат намалување на трошоците на сите можни начини, вклучувајќи отпуштања на вработени што понатаму ќе ја продлабочи кривата на БДП и ќе го забави опоравувањето и во идеални услови. Ние веќе почнавме да осознаваме што значи недостаток на квалификувани работници пред кризава. Ако се изгуби и дел од постојните, повторното пополнување на работни места и да се создадат услови за раст нема да оди брзо.
Траењето на кризата до крајот на 2020 е крајно непосакувано сценарио. Тешко е точно да се предвидат импликациите, но сигурен е значаен раст на население под прагот на сиромаштијата, невработеноста и двоцифрен пад во проценти на БДП со сите поврзани последици.