Од страна на Министерството за финансии е објавен предлог Закон за дополнување и изменување на Законот за данокот на додадена вредност. Во предлог законот се предлагаат следниве измени:
- Усогласување на член 21 од ЗДДВ според царинските прописи, во случај кога увезеното добро не подлежи на прописите за царинење или на плаќање царина.
- Се проширува членот 23 од ЗДДВ и се предлагаат две нови потточки 17-а) и 17-б) според кои ќе се ослободат од ДДВ без право на одбивка на претходен ДДВ услуги на училишно и универзитетско образование. Во потточка 17-а) се воведуваат високообразовните установи со цел да се обезбедат услови за стекнување способности и вештини за вршење научно истражувачка дејност, вклучувајќи и менторирање за изработка и одбрана на магистерски или докторски трудови. Во потточка 17-б) се предлага даночно ослободувањето без право на одбивка на претходен данок да се однесува и за услуги кои се резултат на научно-истражувачка дејност согласно закон со кој се регулира научно истражувачката дејност.
- Со член 31, став 6) од ЗДДВ, се доуредува времето на настанување на даночниот долг при увоз на добра. Настанување на даночниот долг се смета денот на настанување на обврската за плаќање на царината и другите увозни давачки, или денот на внесување на доброто во земјата, кога се работи за добро кое не подлежи на плаќање царина и моментот кога доброто, кое подлежи на режимот на добра во слободни зони, царински зони и царински складови или кога доброто е во транзит или е привремено увезено, се пушта во слободниот промет.
- Се врши и усогласување со Виенската конвенција за дипломатски односи, со Што се предлага измена на 48, став (2), од ЗДДВ се предвидува можност за враќањето на данокот на додадена вредност и за членовите на административниот и техничкиот персонал на дипломатски и конзуларни претставништва кои не се државјани во земјата или немаат постојано престојувалиште во земјата. Последната предлог измена се однесува на намалување на рокот за дерегистрација за целите за ДДВ од пет години на две години под определени услови.