21.03

Правилник за трансферни цени

Во Службен весник на РМ, бр. 59 од 20.3.2019 година објавен е Правилникот за формата и содржината на извештајот за трансферни цени, видовите методи за утврдување на цената на трансакцијата во согласност со принципот на „дофат на рака“ и начинот на нивна примена.

Правилникот за трансферни цени е донесен согласно член 12-а став (3) од Законот за данокот на добивка („Службен весник на РМ“ број 112/14…248/18) и влегува во сила од 21.03.2019 година.

За првпат ваков извештај ќе треба да се достави со ДБ за 2019 година (член 12-а од ЗДД).

Кој ќе има обврска да достави Извештај за трансферни цени со поднесувањето на ДБ за 2019 година?

Даночниот обврзник на данокот на добивка за деловните и финансиските трансакции помеѓу поврзаните лица е должен да приложи:

  • Целосен извештај, или
  • Извештај во скратена форма,

со поднесувањето на даночниот биланс.

Кој доставува извештај во скратена форма?

Обврзникот на данок на добивка поднесува Извештај во скратена форма:

Доколку вкупната вредност на трансакциите со поврзаните лица во текот на годината не надминува 10.000.000 денари, или

Доколку има трансакции само со поврзани лица кои се резиденти на РМ.

За кого не се однесува обврската за поднесување на Извештај?

Одредбите од Законот кои се однесуваат на трансферни цени и на обврската за доставување на извештај не се применуваат на даночни обврзници кои во текот на годината оствариле вкупен приход во износ помал од 60.000.000 денари (член 12-б од Законот).

Кои лица се сметаат за поврзани лица согласно член 16 од ЗДД?

Две лица се сметаат за поврзани кога:

1. Едното од нив стекнало, непосредно или преку друг субјект, удел или акции кои во основната главнина на другото лице се претставени со најмалку 20%, или кога му припаѓаат најмалку 20% од сите гласови на собирот на содружниците, односно на собранието ;

2. Кое било трето лице, непосредно или преку друг субјект, стекнало удел или акции кои во основната главнина во секое од поврзаните лица се претставени со најмалку 20%, или кога на лицето му припаѓаат најмалку 20% од сите гласови на собирот на содружниците, односно на собранието, на секое од поврзаните лица;

3. Еден или повеќе извршни или неизвршни директори или членови на управниот или надзорниот одбор на едното лице, се извршни или неизвршни директори или членови на управниот или надзорниот одбор во другото лице;

4. Заем доделен или гарантиран од едното лице сочинува повеќе од 20% од книговодствената вредност на вкупните средства на другото лице;

5. Едното лице, непосредно или преку друг субјект, добива најмалку 20% од добивката на другото лице, како резултат на договор за деловна соработка помеѓу двете лица;

6. Едно лице е постојана деловна единица на друго лице;

7. Едното лице врши деловни и финансиски трансакции со друго лице кое е резидент на држава во која стапката на данок на добивка е 25% пониска од стапката на данок на добивка во Република Македонија;

Напомена: За целта на точките 1) и 2) од претходно наведеното, уделот, акциите или гласачките права на физичко лице се сметаат заедно со истите на брачниот другар, роднините по права линија, браќата, сестрите, хранителите и посвоителите.

Превземи-Правилник за формата и содржината на извештајот за трансферни цени, видовите методи за утврдување на цената на трансакцијата во согласност со принципот на „дофат на рака“ и начинот на нивна примена.