Техника на пресметување на дневници
Преку дневницата се пресметуваат издатоците за исхрана за време на службеното патување во странство.
Дневницата определена за држава во која службено се патува, се пресметува од часот на преминување на границата на Р.С.Македонија во заминување, до часот на преминување на границата на Р.С.Македонија на враќање. Се смета дека работникот ја преминал границата оној час кога границата ја преминало превозното средство (автомобил, воз, шинобус, автобус, камион и сл.).
Ако за службено патување се користи авион, се смета дека работникот ја преминал границата во часот на полетувањето на авионот од аеродромот во Македонија (Скопје или Охрид), односно во часот на слетувањето на авионот на аеродромот на Македонија. Времето на полетување, односно слетување се утврдува од авионската карта или редот на летање.
На работникот му припаѓа една полна дневница за секои 24 часа поминати на службен пат во странство и ако вкупното патување трае подолго од 12 часа.
За време од 8 до 12 часа поминати на службен пат во странство, се пресметува половина дневница, додека за време пократко од 8 часа не се пресметува дневница (член 11 од Уредбата).
При патување во повеќе земји, согласно член 13 на Уредбата, во заминувањето се пресметува дневницата утврдена за државата во која започнува службеното патување, а при враќање се пресметува дневницата утврдена за државата во која е завршено службеното патување.
За секое задржување, односно пропатување преку држава што трае подолго од 12 часа се пресметува дневницата за таа држава.
При сметањето на бројот на дневниците не треба да се исклучи и можноста за пресметување на дневница за времето поминато на службен пат во Македонија во случај кога тоа време изнесува повеќе од 8 часа, односно ако времето на патување до границата на Р.С.М. при заминување и од граница до местото на престојување на работникот во Македонија изнесува повеќе од 8 часа. За времето поминато во Македонија од 8 до 12 часа следува половина денарска дневница (за службен пат во земјата), а ако времето поминато во Македонија е подолго од 12 часа следува полна денарска дневница (за службен пат во земјата). При тоа, треба да се има предвид фактот дека вкупниот број на дневници во странство и во земјата не може да го надмине бројот на дневниците кој се добива за вкупниот период на службен пат сметајќи од часот на поаѓање од местото на престојување до часот на враќањето во местото на престојување. При пресметувањето на бројот на дневниците се почитува правилото дека остатокот на времето од службениот пат во странство може да се додаде на времето поминато во Македонија, но не и обратно. Претходно наведените правила не се пропишани, туку се воспоставени во долгогодишната деловна пракса.
Примери за пресметување на дневници
Пример1
- Број на часови поминати во странство 77 часа
- Патување низ Македонија 8 часа
Пресметка на бројот на дневниците:
1) Дневници за патување во странство
77:24 = 3 дневници (3 х 24 = 72 часа) и 5 часа остаток (77-72) = 3 девизни дневници
2) Дневници за патување во Р.С.Македонија
5 часа остаток од патувањето во странство и 8 часа патување во РМ (вкупно 13 часа) = 1 денарска дневница.
Согласно претходната пресметка, на вработениот му припаѓаат три девизни дневници (доколку се обезбедени некои издатоци, износот на дневницата, соодветно се намалува) и полна денарска дневница бидејќи патувањето “во земјата“ траело 13 часа (подолго од 12 часа) со тоа што вкупниот број на дневници изнесува 4 (бидејќи вкупно поминатото време на службен пат изнесува 85 часа за што на работникот му следуваат вкупно 4 дневници).
Пример2
Работникот Н.С. вработен во трговското друштво “Електра“-Битола, е упатен на службен пат во Лондон – В.Британија, Женева и Белград. За таа цел, со налог 1450, се подигнати 1.000 евра од девизната сметка (аконтација). Истите му се предадени на работникот заедно со патниот налог, пред заминување на пат.
На своето патување, вработениот:
- до Лондон стигнал со авион и таму поминал 50 часа вклучувајќи ги и четирите часа на летот,
- На враќање престојувал во Женева-Швајцарија, каде исто така завршил деловна задача и се задржал 40 часа,
- потоа заминал со авион за Белград, каде се задржал 30 часа,
- oд Белград се вратил со автобус, со тоа што до Mакедонската граница патувал 6 часа,
- во Македонија до Битола пристигнал за 4 часа.
Според член 13 од Уредбата, дневницата определена за држава во која службено се патува се пресметува од часот на преминувањето на границата на Република Македонија, а дневницата определена за држава од која се доаѓа – до часот на преминувањето на границата на Република Македонија.
Aко службено се патува во повеќе земји, во заминувањето се пресметува дневницата утврдена за државата во која започнува службеното патување, а при враќање се пресметува дневницата утврдена за државата во која е завршено службеното патување.
За секое задржување, односно пропатување преку држава што трае подолго од 12 часа се пресметува дневница за таа држава.
Од извршеното службено патување (во примерот) се признаваат следните дневници:
-2 дневници во Лондон (2 х 24 = 48 часа, и 2 часа остаток од вк. 50 часа)
-1,5 дневница во Женева (2 часа останати од Лондон + 40 часа = 42 часа, односно 1,5 (36) дневница и 6 часа остаток (42-36=6 остаток))
-1,5 дневница во Белград (остатокот од 6 часа од Женева + 36 часа во Белград, сметајќи ги и 6-те часа патување до македонската граница = 42 часа, односно 42 : 24 = 1,5 и остаток 6 часа)
-0,5 дневница во Македонија (Остаток од Белград 6 часа + 4 часа = 10 часа во Македонија)
Контрола:
Дневници во: Часови Дневници
Лондон 50 2
Женева 40 1,5
Белград+до граница 30+6 1.5
Македонија 4 0,5
130/24=5.4 (5*24=120 остаток 10ч) 5 дена и 10 часа