13.10

Што е капитална добивка од продажба на удел?

Приходи од капитална добивка

Што е капитална добивка?

Под капитална добивка се подразбира разликата помеѓу продажната и набавната цена при продажба или размена на:

  • недвижен имот,
  • хартии од вредност,
  • учество во капиталот, и
  • друг подвижен и нематеријален имот 

Што е даночна основа?

Основа на данокот на доход од капитални добивки претставува разликата помеѓу продажната цена на недвижен имот, хартии од вредност, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот и нивната куповна (набавна) цена.

Даночна основа за данок

=

Продажна цена

-

Набавна цена

Продажна на удели

Какво овластување има УЈП?

При продажбата на уделите, Управата за јавни приходи има овластување да ја утврди продажната цена доколку оцени дека договорената цена е пониска од пазарната. 

Што велат економистите?

По однос на дефинирањето на пазарната вредност на уделите во трговско друштво при нивна продажба, во услови на непостоење/отсуство на официјален пазар / берза за продажба и купување на удели во трговски друштва, економистите се на мислење дека пазарната вредност на уделот кој е предмет на купопродажба, би ја претставувала вредноста на капиталот на друштвото утврден како разлика помеѓу вкупната актива (средства) на друштвото и износот на вкупните обврски на друштвото, со состојба на денот на продажбата.

Што предвидува Законот за трговски друштва?

Во однос на продажбата на удели,  согласно член 197 од Законот за трговски друштва (“Службен Весник на РМ” бр. 28/04…120/18), содружниците располагаат со уделите под условите утврдени во договорот за друштвото. Уделите во друштвото можат да се пренесуваат на начин и постапка определени со договорот за друштвото. Содружникот на друштвото може да го пренесе својот удел, во целост или само дел од уделот. Уделот се пренесува со договор за пренос на удел заверен кај нотар. Секој пренос на удел што се врши на начин и според услови што се во спротивност со Законот за трговските друштва или со договорот за друштвото е ништовен. Согласно член 198 од Законот за трговските друштва, удел може да се пренесе на трето лице само ако содружникот во потполност го уплатил својот влог. Правото на првенствено купување на удел се остварува според овој редослед: другите содружници и лицето определено од друштвото. До колку другите содружници или лицето определено од друштвото не се изјаснат во рок од триесет дена од пријавувањето на намерата за пренос на уделот, содружникот е слободен во остварувањето на правото на пренос на својот удел, ако со договорот за друштвото не се определени посебни услови.

Пример

1.Состојбата на основната главнина на друштвото Х е следна:

Основна главнина: 1.000.000 ден. Содружник Н има 25% учество (250.000). Содружник М име 75% учество (750.000)

2.Содружникот Н на 15.10.20хх година, продава 25%, односно својот удел на содружникот М за износ од 500.000 денари. (примерот е направен со претпоставка дека 500.000 е пазарна вредност на уделот)

3.Промената на содружникот е запишана во Трговскиот регистар

Кај Друштвото, по извршена промена во Трговскиот регистар спроведено е книжењето:

На сметка 900-основен капитал, содружник Н на побарува -250.000 (сторно, на сметка 900-основен капитал, содружник М на побарува  250.000 ден.

Кој е обврзник за плаќање на данокот?

Обврзник за плаќање на данок на личен доход е продавачот, односно содружникот Н кој остварил добивка и е должен до УЈП да поднесе пресметка во системот на Е-ПДД.

Пресметка на данок на личен доход од капитална добивка:

Набавна вредност на удел: 250.000. Продажна вредност на удел: 500.000. Капитална добивка: е разликата 250.000.Данок на личен доход 37.500 (250.000 * 15%).


 


Објавено 14.10.2019