27.11

Што е следниот предизвик?

Еве како се испративме со уште една интересна група!

Кога на првиот час ќе влезам во училницата, заборавам на сè друго. Сакам да создадам атмосфера во која моите ученици ќе се чувствуваат сигурно, опуштено и уверено дека дошле на вистинското место и дека по два месеца ќе си заминат со знаење што ќе можат да го применат.

Токму тоа ми дава поттик да работам повеќе, да го дадам својот максимум и да го извлечам најдоброто од секој ученик.

Како предавачот знае дека оставил трага во животот на своите ученици?

  • Кога на последниот час ќе ги види насмевките и ќе ја почувствува жалта поради разделбата,
  • Кога ќе сфати дека успеал да сплоти петнаесетина луѓе кои заедно учат, заедно пијат кафе, си помагаат и се радуваат на меѓусебните успеси,
  • А најмногу од сè, кога истите тие ученици ги напуштаат училишните клупи задоволни, со поголема самодоверба и со размислување за следниот предизвик – што ново ќе научат, како ќе се изборат за подобро работно место и како ќе изградат подобра иднина.

Тогаш знам дека мојата работа има смисла!

Ви благодарам за прекрасните два месеца поминати заедно и ви посакувам многу успех во сите ваши идни предизвици!

Кристина Тилиќ, предавач и ментор, Нова консалтинг




29.11.2026