РЕГИСТРАЦИЈА И ДЕРЕГИСТРАЦИЈА ЗА ДДВ
РЕГИСТРАЦИЈА ЗА ЦЕЛИ НА ДДВ
I. ЗАДОЛЖИТЕЛНА РЕГИСТРАЦИЈА ЗА ДДВ
- Даночните обврзници кои во претходната календарска година оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари се обврзани за ДДВ регистрација.
- Даночните обврзници кои во текот на календарската година остварат вкупен промет над 2.000.000 денари, обврзани се за регистрација за целите на данокот на додадена вредност.
- Даночните обврзници кои отпочнуваат со вршење на стопанска дејност, доколку предвидуваат дека ќе остварат промет над 2.000.000 денари, исто така, задолжително треба да се регистрираат за целите на данокот на додадена вредност.
Што е вкупен промет?
Вкупен промет за цели на регистрацијата за ДДВ претставува збир на оданочивиот промет, остварен во изминатата календарска година, вклучувајќи го и данокот на додадена вредност кој отпаѓа на него, освен прометот ослободен од данок без право на одбивка на претходниот данок.
Како се пресметува вкупниот промет?
Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, фактичкиот вкупен промет се пресметува на ниво на вкупен промет за целата календарска година.
II. ДОБРОВОЛНА РЕГИСТРАЦИЈА ЗА ДДВ
- Доколку во изминатата календарска година даночниот обврзник остварил промет помал од 2.000.000 денари на годишно ниво, може доброволно да се регистрира за ДДВ.
- Доколку даночниот обврзник отпочнува да врши стопанска дејност, но заради висината на претпоставениот промет не е обврзан за регистрација за ДДВ, што значи дека претпоставува дека ќе оствари промет помал од 2.000.000 денари, може доброволно да се регистрира за целите на данокот на додадена вредност.
Пријава за регистрација за ДДВ - (образец ДДВ-01).
Во кои рокови се поднесува пријавата за регистрација за ДДВ?
- 15-ти јануари во тековната година од даночните обврзници кои: - во изминатата календарска година оствариле вкупен оданочив промет над 2.000.000 денари - доброволно се регистрираат за целите на ДДВ
- 15-ти во месецот кој следи по месецот кога е остварен прометот, од даночните обврзници кои во текот на календарската година го надминат износот на остварен вкупен промет од 2.000.000 денари.
- во рок од 15 дена од почетокот од вршењето на дејноста од даночните обврзници кои: - започнуваат со вршење на дејност во текот на календарската година - доколку даночниот обврзник претходно вршел стопанска дејност ослободена од данок без право на одбивка на претходниот данок, а во текот на годината започнува да врши оданочлива дејност
ДЕРЕГИСТРАЦИЈА ЗА ЦЕЛИ НА ДДВ
Кога може да се изврши прекинувањето на регистрацијата за целите на ДДВ? Најрано по истекот на 3 или 2 календарски години после годината на првичното регистрирање.
ПО ИСТЕК НА ТРИ ГОДИНИ ОД РЕГИСТРАЦИЈА
Услови треба да бидат исполнети за да може даночниот обврзник да се дерегистрира за ДДВ по истек на 3 години од регистрација:
- даночниот обврзник да е регистриран за ДДВ задолжително или доброволно;
- да е истечен најмалку тригодишниот период од регистрацијата за ДДВ;
- остварениот севкупен промет во третата календарска година да не изнесува повеќе од 2.000.000 денари; и
- даночниот обврзник да бара да се одјави од регистрацијата за ДДВ.
(наведените услови треба да бидат исполнети кумулативно)
ПО ИСТЕК НА 2 ГОДИНИ ОД РЕГИСТРАЦИЈА
Услови треба да бидат исполнети за да може даночниот обврзник да се дерегистрира за ДДВ по истек на 2 години од регистрација:
- даночниот обврзник да е регистриран за ДДВ задолжително или доброволно;
- да е истечен двегодишниот период од регистрацијата за ДДВ;
- остварениот севкупен промет во втората календарска година да не изнесува повеќе од 2.000.000 денари и во секоја од двете претходни календарски години во даночните пријави да нема искажано претходен данок за одбивање,
- даночниот обврзник да бара да се одјави од регистрацијата за ДДВ.
(наведените услови треба да бидат исполнети кумулативно)
ОДЈАВА ОД РЕГИСТАРОТ НА ДДВ ОБВРЗНИЦИ
Со поднесување на Пријава за отповикување на регистрација за ДДВ (образец ДДВ-01Б) до УЈП , или по електронски пат најдоцна до 15-ти јануари во годината од која даночниот обврзник сака да престане да биде регистриран за данокот на додадена вредност.
СЛУЖБЕНО ПРЕКИНУВАЊЕ НА РЕГИСТРАЦИЈАТА ЗА ДДВ ОД СТРАНА НА УЈП
УЈП може да изврши службено прекинување на регистрацијата за ДДВ пред истекот на трите календарски години во следните случаи:
- кога во претходната календарска година даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет и без искажување претходен данок за одбивање;
- кога во двете претходни календарски години даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, односно во истите периоди нема промет ослободен од данок со право на одбивка, ниту претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночниот обврзник или увезени од него;
- кога даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности;
- кога даночниот обврзник не поднесувал даночна пријава и тоа најмалку два даночни периоди кај месечните и тримесечните даночни обврзници;
- кога кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување; и
- кога даночниот обврзник се регистрира како поврзано лице.
08.01.2021