Објавен нов Правилник за дополнителниот данок на добивка
Во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 270/25 од 31.12.2025 година е објавен нов Правилник со кој се уредува начинот на пресметување, пријавување и наплата на дополнителниот данок на добивка, согласно Законот за минимален глобален данок на добивка.
Што уредува Правилникот?
Со Правилникот се пропишуваат начинот на пресметување и плаќање на квалификуваниот домашен дополнителен данок (КДДД / QDMTT), образецот и постапката за поднесување на Пријавата на информации за дополнителниот данок и пријавување на одговорниот составен субјект во УЈП, образецот и постапката за поднесување на Пријавата за дополнителен данок, како и образецот и начинот на плаќање на домашниот дополнителен данок.
Пресметката на дополнителниот минимален данок се врши согласно ОЕЦД модел-правилата за глобален минимален данок, во согласност со член 5.5 од Законот.
На кого се однесува Законот?
Законот се применува на групи на мултинационални компании и на големи домашни групи кои на консолидирана основа оствариле повеќе од 750 милиони евра приходи во најмалку две од последните четири фискални години.
Кои субјекти се изземени?
Од обврската за плаќање дополнителен данок се изземени компаниите со приходи под прагот од 750 милиони евра, исклучените субјекти пропишани со Законот (јавни институции, меѓународни и непрофитни организации, пензиски и инвестициски фондови), како и субјектите кои го исполнуваат „de minimis“ исклучокот.
„De minimis“ исклучокот се применува кога, на ниво на јурисдикција, просечниот квалификуван приход е под 10 милиони евра, а просечната квалификувана добивка или загуба е под 1 милион евра.
Основни правила
Минималното ефективно оданочување од 15% се обезбедува преку квалификуваниот домашен дополнителен данок (QDMTT / КДДД), правилото за вклучување на добивката (Income Inclusion Rule – IIR) и правилото за помалку оданочена добивка (Undertaxed Payment Rule – UTPR).
Експертски коментар
Квалификуваниот домашен дополнителен данок се применува на мултинационалните компании и на големите домашни групи, без оглед дали матичната компанија е странска или домашна. Со неговото воведување се обезбедува дополнителниот данок за ниско оданочената добивка остварена во Македонија да се наплати локално.
Во пракса, засегнатите групи треба навремено да ја анализираат својата ефективна даночна стапка и обврските за пресметување, пријавување и плаќање на дополнителниот данок согласно новиот Правилник.
ПКФ Нова консалтинг
06.01.2026