23.07

Лична сатисфакција - мотив што ме движи кон нови победи!

Теодора Додевска, дипл.економист, смер менаџмент, ги сподели нејзините импресии од обуката во Нова консалтинг!

Желба да учиш сметководство? Од каде?

Од неодамна сум дипломиран економист, излезена од клупите на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј”. Како личност која постојано сака да се надоградува, не сакав моето образование да запре со завршувањето на факултетот. И покрај тоа што учев на смер Менаџмент, на Економскиот факултет изучувавме неколку предмети поврзани со сметководство. Оттаму ми се појави и желбата да го надоградам моето знаење во таа област. 

Иако, како професија не е привлечна и актуелна меѓу младите – сметам дека сметководството е од непроценлива важност за развојот на економијата на една земја.


Финансиските извештаи и анализите кои ги изработуваат токму сметководителите се клучни за правилно водење не само на компанијата-интерно, туку и многу пошироко – на целата економија. Предвидување на сите ризици и превземање на вистинските чекори во вистинско време се темели на финасиските извештаи. 

По природа си одговорна, упорна и дисциплинирана. Колку е важна посветеноста?

Сметам дека со голема желба, позитивна мисла и целосна посветеност – не постои нешто што би го спречило човекот да успее.

„Секој ден донеси по една кошница земја на едно место и ќе изградиш планина“ – рекол Конфучиј.

 

Што е тоа што те движи напред, постојано да размислуваш за нови знаења?

Мотивацијата, како внатрешен двигател за остварување на одредена цел, е еден од најважните фактори за личен успех. Токму таа одредува со колкав ентузијазам, упорност и страст ќе му пријдеме на животот и на сите предизвици кои тој ни ги носи. Како амбициозна личност, која постојано сака да ги надоградува своите знаења, ме мотивира личната сатисфакција, задоволството од самата себе со секој успех што ќе го постигнам и најважно од се – знаењето кое го стекнувам и знам дека токму од него ќе имам само придобивки.

 

Работата / приватниот живот, успеваш ли да ги балансираш?

Работа и приватен живот – некогаш границите биле прилично јасни, но во денешниот динамичен свет навистина не е лесно да се балансира, особено ако денот ти почнува рано изутрина и ти е исполнет со низа обврски. 

Велат дека работата многу лесно може да го надвладее приватниот живот, а одржувањето на рамнотежа помеѓу животот и работата воопшто не е едноставна задача. 

Сепак со добра организација и навремено извршување на обврските тој притисок и стрес може да се сведе на минимум. Впрочем, и секој човек во денот заслужува малку време за себе, нели?

Сподели го твоето искуство во Нова консалтинг со сите нас!

Обуката во Нова консалтинг за мене беше едно исклучително прекрасно искуство. Начинот на кој се одвиваа предавањата, концентрацијата со која не држевте до последна минута и интеракцијата со секој слушател се навистина воодушевувачки.

Се чувствував како секоја минута од обуката да учев по нешто ново.

 Предавања, вежби, повторувања, тестови, проекти, домашни задачи – колку и да звучи страшно, сето тоа беше толку многу корисно и од огромна полза за нас слуштателите. Од обуката сите заминавме значително побогати со знаење од областа на сметководството.

Позитивна енергија во изобилие, страст кон сметководството во неограничени количини, испреплетено со доза на дисциплина, строгост и истрајност. 

Тимот, односно менторите на обуката во Нова консалтинг имаат една цел и успешно ја остваруваат – на секој слушател му всадуваат знаење кое никогаш не може да избледи.

И навистина сум бескрајно благодарна за прекрасните моменти, посветеноста и желбата да ни го пренесете своето знаење.


23.07.2021, Теодора Додевска